На првите изданија на Европските првенства, Норвешка беше далеку од главен фаворит, но на последните неколку изданија на најдобриот европски собир Норвежаните имаа спектакуларни настапи. Се појави одлична генерација на ракометари кои ја издигнаа селекцијата на повисоко ниво. Ова ќе биде 10. учество на Норвежаните на Европските првенства и уште еднаш ќе се обидат да стигнат до титулата.
Откако не успеаја да се квалификуваат за првенствата во 2002 и 2004 година, Норвежаните имаат нагорен тренд на квалитетот. Иако стигнаа до врвот на европскиот ракомет имаа многу потешкотии да освојат медал на првенствата и завршуваа на четвртото место во 2016 година, а беа шестти во 2008 година и двапати беа седмо пласирани. Конечно се закитија со бронзен медал на последното Европско првенство во 2020 година.
Репрезентативецот со најмногу настапи Бјарте Мирхол одлучи да се пензионира после одиграни 263 натпревари, а репрезентативната кариера исто така ја прекина и Магнус Јондал. Пензионирањето на овие два клучни ракометари не би требало да имаат големо влијание на квалитетот на тимот бидејќи на сите позиции Норвежаните имаат квалитетни замени. Магнус Гулеруд е играч на кој може да смета и во напад и во одбрана, додека левото крило Себастијан Бартолд досега немаше многу шанса во репрезентацијата, но во Алборг е исклучително ефикасен.
Кристијан Берге ја презема репрезентацијата на Норвешка во 2014 година и оттогаш бележи вистински подем. Тој ги предводеше Норвежаните до најголемите успеси на ЕП, 4. место во 2016 и бронзениот медал во 2020 година. Осум години се долг период за еден селектор да остане на една репрезентација во ерата на модерниот ракомет, но Берге успеа во тоа. Под негово водство ракометарите го достигнуваат својот врв и се подготвени за најголеми дострели, можеби ова првенство ќе биде последната шанса на Берге за освојување на златен медал со селекцијата на Норвешка.
ИГРАЧ ВО ФОКУСОТ – САНДЕР САГОСЕН
Сандер Сагосен е лидер на екипата, тој го брка рекордот на Роџер Кјендален кој има постигнато 939 гола за Норвешка. На средниот бек на Кил му недостасуваат уште 284 гола за да го стигне рекордот, но тој има само 26 години и само е прашање на време кога ќе го собори и ќе постави нов.
Пред две години Сагосен стана најдобар стрелец во историјата на европските првенства постигнувајќи вкупно 65 гола со што е рекордер по постигнати голови на едно првенство. Исто така Сагосен беше дел од ол-стар тимот на последното првенство, а во досегашниот дел од сезоната е еден од најдобрите играчи на Кил. Норвежаните се полни со самодоверба, тие никогаш нема да ја препуштат фаворитската улога на противниците. Самодовербата е голем адут на скандинавците и на сите првенства им помага да стигнат до одлични резултати.
ИНТЕРЕСНО
Норвешка е единиствена европска ракометна сила која го нема освоено Европското првенство ниту, пак, некој клуб од Норвешка станал eвропски шампион. Од вкупно 26 победи на ЕП, Норвежаните имаат остварено 16 на последните три изданија во 2016, 2018 и 2020 година.
УЧЕСТВА НА ЕП
Вклучувајќи го ЕП 2022 ќе го забележи десеттото учество.
Најдобри резултати: 3. место во 2020 година и 4. позиција во 2016 година.
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ – ГРУПА Ф
13 ЈАНУАРИ – 20:30ч
НОРВЕШКА – СЛОВАЧКА
15ЈАНУАРИ – 20:30ч
НОРВЕШКА – РУСИЈА
17 ЈАНУАРИ – 20:30ч
ЛИТВАНИЈА – НОРВЕШКА