ЕП 2022: Можат ли Палмарсон и Магнусон да го одведат Исланд до успех?

Во една од најтешките групи во прелиминарната фаза покрај Исланд се најдоа уште и Унгарија, Холандија и Португалија што за Исланѓаните ќе значи висок притисок уште од почетокот на натпреварувањето. Ова првенство ќе биде нов тест на Исланд откако на Олимпијадата во Токио не обезбеди пласман, а на СП 2021 во Египет беше на 20. место. Во квалификациите Исланд заврши на второто место во групата зад Португалија.

После трансферот на Арон Палмарсон од Барселона во Алборг тој претрпе неколку повреди и одигра само неколку дуели во Лигата на шампионите. Трикратниот освојувач на ЛШ со Кил и Барселона се врати на ракометот пред зимската пауза во лигата на Данска. Од тука произлегува прашањето дали моторот на Исланд ќе биде сто проценти подготвен пред почетокот на ЕП. Палмарсон го пропушти СП 2021, а Исланд се пласираше на најслабото за нив 20. место со што покажа колку е важен за тимот.

Тренерот Гудмундур Гудмундсон е пред клучна одлука на голманската позиција, дали ќе смета на младиот 21-годишен Виктор Халгримсон или најискусниот играч во тимот Бјоргвин Густавсон. Се очекува искуството да добие предност, но останува да се види како ќе изгледа тоа на првенството. Голема штета за Исланд е што талентираниот играч на Келце, Хаукур Трастарсон не успеа да заздрави на време од повредата на коленото и нема да биде дел од репрезентацијата. Исто така и Гисли Кристјансон нема да биде во можност да настапи заради повреда.

ИГРАЧ ВО ФОКУСОТ – ОМАР ИГНИ МАГНУСОН

Десниот бек Омар Игни Магнусон е во особено добра форма, тој во 2021 година Лигата на Европа и Супер Глоуб со Магдебург, а исто така беше и најдобар стрелец во Бундес лигата. Но тој досега немаше големо влијание на играта во репрезентацијата бидејќи беше надвор од терените поради повреда и на првенствата во 2020 и 2021 година одигра само четири натпревари. На претстојното првенство Магнусон е желен да ја докаже својата важност и способност.

ИНТЕРЕСНО

Гудмундур Гудмундсон за ова првенство повика само едно десно крило, Сигвалди Бјорн Гудјонсон од Келце. А помош се очекува да има од левораките бекови Ејнарсон и Кристјансон. Гудјон Валур Сигурдсон одигра 11 Европски првенства, односно сите од 2000 година до 2020 година. Исто така тој е најдобар стрелец на првенствата со 288 гола.

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ – ГРУПА Б

14 ЈАНУАРИ – 20:30ч

ПОРТУГАЛИЈА – ИСЛАНД

16 ЈАНУАРИ – 20:30ч

ИСЛАНД – ХОЛАНДИЈА

18 ЈАНУАРИ – 18:00ч

ИСЛАНД – УНГАРИЈА