ЕП 2022: Група А – Toп фаворитот брани, останатите напаѓаат

На 4 ноември ќе започне Европското првенство во женска конкуренција, на кое нашата држава заедно со Словенија и Црна Гора ќе бидат ко-организатори на континенталниот собир и ќе ги угостат најдобрите европски репрезентации, вкупно 16.

Во првата фаза, две групи ќе играат во Словенија. Домаќините ќе бидат Целје и Љубљана. Во овие два словенечки градови вкупно во првата фаза од ЕП ќе настапат 12 репрезентации. Групата А ја сочинуваат репрезентациите на Швајцарија, Хрватска, Норвешка и Унгарија.

ШВАЈЦАРИЈА

За првпат деби настап на едно големо натпреварување ќе има Швајцарија. Патот до Европското првенство на Швајцарија изгледаше многу тежок, но со дисквалификацијата на Русија од страна на ЕХФ, ракометарките на Швајцарија се најдоа во многу поволна позиција во квалификациската група 1 и на најдобар можен начин ја искористија дадената шанса и обезбедија пласман меѓу најдобрите европски репрезентации.

ХРВАТСКА

Репрезентацијата на Хрватска на Европското првенство ќе настапи значително ослабена со отсуството на Чамила Мичијевиќ, која во таборот на „коцкестите“ е незаменлива и во одбраната и во нападот, па така тимот на Ненад Шоштариќ ќе има тешка задача да го повтори успехот од претходното Европско првенство кога Хрватска направи најголемо изненадување и стигна до бронзениот медал. Играта на Хрватска ќе се базира преку најискусната Катарина Јежиќ, членка на Кастамону. За искусниот кружен напаѓач ова ЕП ќе биде петто во својата кариера. Нејзината замена на позицијата пикер, Ана Дебелиќ, исто така игра голема улога во таборот на Шоштариќ. Членката на актуелниот европски шампион Вајперс Кристијансад на Европското првенство во 2020 беше прогласена за најдобра пикер. Од бековската линија во Хрватска  се издвојуваат Дора Кршник и Валентина Блажевиќ, кои настапуваат во шампионатот на Романија. Хрватска својата шанса за евентуален пласман во следната фаза ќе ја бара во дуелот против Швајцарија. Хрватска на Европските првенства има учествувано 11 пати.

НОРВЕШКА

Главниот фаворит на кое било натпреварување e репрезентацијата на Норвешка, актуелен бранител на титулата на континенталниот собир. Скандинавската селекција има лесна група и се очекува без проблем да обезбеди пласман во следната фаза. Норвешка низ историјата на Европските првенства има освоенo 12 медали, од кои осум златни, три сребрени и еден бронзен. Само на ЕП во 2000 и 2018, селекцијата на Норвешка остана без медал. На овој шампионат ќе настапат поголемиот број на ракометарки кои беа дел од најголемите успеси на норвешката репрезентација. Тука е легендарната голманка Катрин Лунде, како и една од најдобрите ракометарки на светот Нора Мерк (која не играше цел октомври за да се подготви за ЕП), потоа Стине Офтедал, Хени Рејстад…Норвежанките повторно се големи фаворити за освојување на златото и сигурно континенталниот собир ќе го завршат меѓу најдобрите репрезентации.

УНГАРИЈА

Надежната и млада репрезентација на Унгарија пред почетокот на ЕП ја загуби  Сандра Солоши Зачик, како и Хафра Ноеми, две важни ракометарки кои играа голема улога во унгарскиот тим, но поради повреда нема да можат да им помогнат на своите репрезентативни колешки. Предводник на Унгарија е ракометарката на ФТЦ Будимпешта, Катрин Клјубер која на претходното ЕП го имаше свој деби настап. Место во репрезентативниот табор на Унгарија немаше за Ченге Фодор и Надин Шацл, кои во Ѓер настапуваат на левата крилна позиција. На списокот не се најде ниту Доротеја Фалувеѓи, која исто така го носи дресот на Ѓер. Најголемиот дел од избраните ракометарки доаѓаат од ФТЦ, Дебрецен, Мошонмаѓаровац и Вац, додека на списокот од 18 играчи само голманката Мелинда Цикорија и левото крило Дорина Коршош се интернационалки. За Унгарија, ова ќе биде 14-то учество на Европските првенства. Уште од првото издание, 1994, селекцијата на Унгарија во континуитет учествува на континенталните собири. Најголемиот успех. го постигна во 2000 година со освоеното прво место, како и во 2004 и 2012 година, кога репрезентативките на Унгарија стигнаа до бронзата.