ЕП 2022: Вечно втората Хрватска, создава тим за иднината

Освојувањето на сребрениот медал на последното Европско првенство и донесе на селекцијата на Хрватска директен пласман на овој шампионат така што не играше во квалификациите туку во ЕХФ Евро купот со Шпанија, Унгарија и Словачка.

На ова првенство селекцијата на Хрватска доаѓа со новиот селектор, Хрвоје Хорват кој претходно му беше помошник на Червар и тоа од 2017 година.

Селекцијата е подмладена, нема добар дел од поискусните ракометари (Шего, Карачиќ, Мариќ…) во тимот така што е јасно дека повторување на успехот ќе биде многу тешко. Европското првенство е мисија која за Хрватите секогаш била тешко остварлива со оглед на тоа што само златниот медал од ЕП недостига во колекцијата.

Во тимот има неколку помлади ракометари во кои се верува за во иднина, па ова треба да им биде првенство за стекнување на искуство. Поради многуте проблеми со коронавирусот кои се присутни кај голем дел од селекциите се појавува шанса за добар резултат, но проблем е тоа што главниот ракометар Домагој Дувњак исто така беше позитивен со малку полоша клиничка слика така што сè ќе зависи од тоа клку тој ќе биде подготвен.

ИГРАЧ ВО ФОКУСОТ – ИВАН МАРТИНОВИЌ

Нема никаков сомнеж дека Домагој Дувњак и Лука Циндриќ се главните адути во овој тим, под услов да можат да настапат бидејќи и двајцата имаа позитивни тестови. Сепак, многу се очекува и од 23-годишниот десен бек, Иван Мартиновиќ. Тој е играч чиј ракометен пат почна во Австрија, но се одлучи да игра за селекцијата на Хрватска и веќе докажа дека местото му е меѓу најдобрите. Има искуство со настапи во Бундес лигата, па селекторот Хорват има големи очекувања од него.

ИНТЕРЕСНО

Селекторот Хрвоје Хорват (јуниор) е син на поранешниот ракометар и тренер Хрвоје Хорват (сениор). Таткото на сегашниот селектор на Хрватска играше и тренираше екипи во хрватска и Германија. Има злато од Олимписките игри во Минхен во 1972 година. Со тимот на Партизан Бјеловар во 1972 година стигна до титлата во КШ кога го совладаа тимот на Гумерзбах.

Неговиот син ги следеше стапките, па играше исто така во Хрватска и Германија, а на првенствата во ракомет на песок освои три медали. Тренерската кариера ја почна млад, а пред да стане селектор во 2020 година го водеше тимот на Нексе.

УЧЕСТВА НА ЕП

Ова ќе биде вкупно 15. учество на Хрватска на Европските првенства, што ја прави една од ретките селекции кои играле на сите шампионати.

Најдобрите резултати ги има во 2008, 2010 и 2020 година кога беа освојувани сребрени медали.

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ – ГРУПА Ц

13 ЈАНУАРИ – 20:30ч

ХРВАТСКА – ФРАНЦИЈА

15 ЈАНУАРИ – 20:30ч

ХРВАТСКА – СРБИЈА

17 ЈАНУАРИ – 18:00ч

УКРАИНА – ХРВАТСКА