ЕП кадети: Шпанија и Шведска ќе се борат за злато!

Денес на Европското првенство за кадети, кое се одржува во престолнината на Црна Гора, Подгорица, беа одиграни и полуфиналните натпревари, на кој победа остварија репрезентациите на Шпанија и Шведска.

Репрезентацијата на Германија, која во Црна Гора допатува во одбрана на титулата, нема да ја има можноста да ја брани, бидејќи во полуфиналето не можеше да се справи против „црвената фурија“. Ракометарите на Шпанија го добија дуелот против Германија, со резултат 32:29 (17:12) обезбедувајќи билет во финалето, во кое ќе се обидат да го освојат вториот златен медал во историјата на кадетските ЕП.

Противник на Шпанија во финалето ќе биде репрезентацијата на Шведска, која во второто полуфинале триумфираше против Унгарија со 33:30 (15:16). Шведска низ историјата на Европските првенства во кадетска конкуренција има освоено шест медали, од кои два златни (1997 и 2018 година).

За бронзениот медал ќе се борат репрезентациите на Унгарија и Германија. Финалето меѓу Шведска и Шпанија ќе се одигра на 14 август со почеток од 17:30 часот, додека дуелот за трето место меѓу Унгарија и Германија е закажан за 15:00 часот.

На истиот датум (14 август) ќе се одиграат натпреварите за петто, односно седмо место. Данска и Хрватска ќе се борат за 5. позиција, додека Португалија и Норвешка за седмото место.