ЕП кадети: Унгарија и Шпанија визираа полуфинале, Србија сензационално загуби од Фарски Острови

Денес на Европското првенство за кадети во Црна Гора стартуваше главната рунда и разигрувањето за пласман од 9 до 16 место. Победа во денешните натпревари во главната рунда остварија репрезентациите на Германија, Унгарија, Шведска и Шпанија.

Во група А, ракометарите на Унгарија со победата над Португалија од 24:23 (9:12) обезбедија пласман во полуфиналето на кадетскиот континентален собир. За второто место во групата, кое исто така носи пласман меѓу најдобрите четири репрезентации во игра останаа Германија и Португалија.

Токму овие две репрезентации во текот на утрешниот ден ќе го одиграат меѓусебниот дуел, кој ќе решава која репрезентација ќе игра во полуфиналето. Германија, откако ја победи Хрватска со 34:26 (17:11) се позиционираше на 2. позиција во групата А.

Шпанија со победата против Норвешка од седум гола разлика, 37:30 (17:15) обезбеди пласман во полуфиналето. Во групата Б, во која се наоѓа Шпанија, во игра за второто место останаа репрезентациите на Шведска и Норвешка, кои утре ќе го одиграат последниот натпревар од главната рунда, кој ќе одлучи која од двете скандинавски селекции ќе патува во полуфиналето.

Во разигрувањето за пласман од 9 до 16 место, Фарски Острови ја изненади Србија, триумфираше со 29:24 (14:15), во натпревар од втората група. Предводник во победата против Србија беше одличниот Оли Митун со 13 постигнати погодоци. Во споменатата група без победник заврши натпреварот меѓу Франција и Словенија, 25:25 (15:14).

Исланд успеа да го победи домаќинот на ова натпреварување, Црна Гора со 30:29 (15:16), додека Полска славеше против Италија со два гола разлика, 31:29 (18:15), во натпревар од првата група за разигрување за пласман од 9 до 16 место.