Ентрериос заплива во тренерските води, работи во академијата на Барселона

Легендата на шпанскиот ракомет Раул Ентрериос по завршувањето на играчката кариера по Олимпијадата во Токио се префрли на тренерската работа. Сега 41-годишниот специјалист за одбрана работи во младинските категории на Барселона.

Ентрериос е рекордер по бројот на натпревари одиграни во дресот на „црвената фурија“ (290). По завршувањето на професионалната кариера Ентрериос за шпанска „Марка“ вели дека продолжува да тренира и уверува дека не се здебелил ниту еден килограм.

,,Останувам физички активен, бидејќи работата е доста динамична. Тренирам со момчињата речиси секој ден бидејќи и моето тело тоа го бара.”

Ентрериос вели дека е задоволен од новата улога и од позицијата каде се наоѓа моментално.

„Го имам знаењето што го стекнав како играч и би можел да придонесам за првиот тим на Барселона. Но, задоволен сум од тоа каде се наоѓам во моментов. Последните години во Барселона имав можност да видам како функционира целиот систем.Заинтересиран сум да го споделам моето искуство со младите кои се во клучна фаза во стекнувањето знаење кое е исклучително важно за нивната иднина“, вели Ентрериос.