Репрезентацијата на Исланд во натпревар од 2. коло од главната фаза на ЕП покажа апсолутна моќ против актуелниот олимписки шампион, Франција, и прослави убедлива победа со 29:21.
Ослабениот Исланд одигра фантастични 60 минути игра. Исланѓаните по нерешениот резултат од 3:3, започнаа да создаваат сериозна разлика, која дополнително беше изразена од 20. минута, па сѐ до крајот на првото полувреме. Магнусон беше творецот за првото водство на неговата репрезентација од 4:3.
Во минутите кои што следуваа се случуваше вистинска катастрофална игра во редовите на француската репрезентација. Избраниците на Гијом Жил одвреме-навреме доаѓаа до погодок, додека репрезентацијата на Исланд ја искористуваше секоја дадена прилика и најчесто преку Магнусон, кој буквално се шеташе низ одбраната на противник, од минута во минута го зголемуваше своето водство.
Иако, во 20. минута беше само четири позитива за Исланд, 11:7, во завршниот дел од првото полувреме со недисциплинирана игра во својата одбрана и со дополнително две направени исклучувања во рок од три минути, Французите влегуваа во сѐ подлабока криза. По највисокото водство на Исланд од 16:9, следуваше погодок на Видарсон за плус осум, 17:9. Првото полувреме заврши со резултат 17:10 за Исланд.
Второто полувреме започна со погодок на Франција за минус шест, 11:17. Селекторот на Исланд, Гудмундур Гудмунсон не дозволуваше пад на неговите ракометари и со одличните направени ротации го одржуваше водството на неговата репрезентација, кое по десетина минути игра во вториот дел беше 21:13.
Ништо не се промени во продолжението и водството на Исланд константно беше од седум до осум гола позитива. Франција брзаше да дојде до помала негатива и сѐ почесто грешеше во брзите напади. Исланд во 50. минута влезе со активен резултат од 25:18. Ракометарите на Исланд последните осум минути рутински ги одработија и се израдуваа на првата победа во главната фаза на ЕП.
Одличен натпревар имаше голманот на Исланд, Виктор Халгримсон со 14 интервенции. Предводници во исландската репрезентација беа Омар Магнусон со десет и Виго Кристијансон со девет погодоци.
ЕП 2022, ГРУПА 1 – ТАБЕЛА