Капитенот на женската сениорска репрезентација на Македонија, Елена Ѓорѓиевска по настапите за сениорската репрезентација се врати на клупскиот ракомет и со нејзината екипа, Магура Чиснадеи славеше против фенерџијата во првенството на Романија, Клуж со 31:26.
На полувреме на оваа средба домашна екипа имаше предност од 16:12. По изненадувањето против ЧСМ Букурешт, Клуж немаше никакви шанси за уште едно изненадување, па така мораше да се задоволи со денешниот пораз.
Ѓорѓиевска настапи солидно и во денешната статистика запиша три гола од шест удари. Нејзината колешка, Валентина Бардац беше најефикасна во Магура со седум гола додека во составот на Клуж најефикасна беше Дијана Лазар со 11 гола.
Со денешната победа, Магура се искачи на 5. позиција на табелата со 19 бодови. Следен натпревар за Елена Ѓорѓиевска и колешките е гостувањето во Крајова против истоимената екипа.