Елверум во последниот натпревар за оваа сезона во Лигата на шампионите одигра нерешено против Кил, 26:26. Кил можеше да си дозволи луксуз на овој натпревар, со оглед на тоа дека имаше обезбедено осминафинале, додека норвешкиот шампион има сезона за заборав.
По израмнетиот почеток до 5-5, гостите први направија предност од два, 7-5, а потоа и од три гола, 9-6. Сепак Елверум преку Грондал и Хедберг се врати во егал и израмни на 10-10. На пауза Кил водеше со 12-11, со голот на Екберг во последните секунди.
Преку шведското крило, „зебрите“ на стартот на вториот дел стигнаа до 13-11, а беше и 15-13. Тимот на Јиха во продолжение имаше „црна дупка“ во нападот и домаќините направија пресврт со три гола во серија, 16-15.
Грондал за првпат со голот од пенал донесе плус два за Елверум, 20-18 во 45 минута. Беше и 21-19, но бундеслигашот израмни на 22-22 со голот на Сагосен кога останаа да се одиграат уште десетина минути.
Во последните десет минути се играше гол за гол, во еден момент Елверум дојде до 24-22, но гостите израмнија на 24-24. Нерешено беше на речиси пет минути пред крајот 25-25. Кил преку Пекел го презеде водството, поведе со 26-25 и можеше во финишот да зголеми и на два гола разлика.
Сепак, домаќините не се предаваа, израмнија на 26-26 и издржаа во последните две минути, во кои ниту една од двете екипи не успеа да реализира.