Ракометарите на Алборг со победата над Елверум од 31:24 го потврдија пласманот во осминафиналето во Лигата на шампионите.
Иако данскиот вицепрвак во дуелот со клубот од Норвешка настапи без големата ѕвезда Микел Хансен, сепак, немаше поголеми проблеми да дојде до убедлива победа
Елверум одлично го отвори дуелот, поведе со 2:0 и до 15 минута одржуваше резултатска предност, но не поголема од два гола разлика. Алборг фати ритам од средината на првиот дел и по нерешените 7:7 направи серија од 2:0, се одлепи на 9:7 и до крајот не му дозволи на ривалот да се врати во игра.
Гостинот од Норвешка во неколку наврати се обидуваше да дојде до камбек, но грешките во нападот беа причина што заостануваше на два до три гола негатива. Домашниот тим рутински ја заврши задачата во последните десет минути од првото полувреме и на пауза замина со предност од 17:12.
Тимот на Алборг во вторите 30 минути направо поубедлива предност, разиграни беа Палмарсон, Сандел, Клар, па така домаќинот многу лесно стигнуваше до погодоци и веќе при резултат од 22:15 во 40 минута, беше јасно дека Елверум ќе има тешка задача да се избори за поблаг пораз.
Најефикасен во Алборг беше Феликс Клар со шест гола, додека Арон Палмарсон и Лукас Сандел имаа по пет реализации. Кај Елверум се истакна Даниел Бломгрен со шест гола.