Поранешниот тренер на Кометал Ѓорче Петров, Пелистер, Вардар, Младост и многу други клубви, како и селектор на многу репрезентации, Касим Каменица, ќе биде кандидат за пратеник на изборите во БиХ, кои ќе се одржат на 2 октомври.
Граѓаните на БиХ на 2 октомври ќе избираат тројца членови на Претседателството на државата од трите констутивни народи, потоа пратеници во претставничкиот дом на парламентарното собрание на БиХ, пратеници во претставничкиот дом на федералниот парламент и во народното собрание на Република Српска, претседател и потпретседатели на српскиот ентитет, како и членови на 10-те кантонални собранија во федерацијата.
Касим Каменица како член на Социјалдемократската партија на БиХ (СДП) и како еден од највлијателните личности во својот регион, ќе се бори за едно од 25-те пратенички места во владата на Босанско Подринскиот кантон Горажде. Искусниот тренер стана член на СДП во 2020 година.
Со оглед на тоа дека неговата партија е фаворит за освојување на власта на сите нивоа во БиХ, Каменица има големи шанси да обезбеди пратенички мандат, но во голема мера ќе зависи колку гласови ќе добие, бидејќи на изборите во БиХ се гласа на отворени листи со изборен праг од 3%.