Некогашниот тренер на ЖРК Вардар, Јан Питлик, кој минатата сезона најави дека ќе стави крај на својата тренерска кариера, е нов селектор на машката сениорска репрезентација на Саудиска Арабија.
Данскиот стручњак мораше да ја одложи пензијата и по краткото отсуство од ракометот, кое траеше околу една година, ја прифати понудата од ракометната федерација на Саудиска Арабија, која бараше замена за екс селекторот Дидие Динар.
55-годишниот Јан Питлик ја започна тренерската кариера во 1991 година и имаше големи успеси. Со женската репрезентација на Данска двапати беше олимписки шампион, а кратко време седеше и на клупата на Вардар.
Тренерот од Данска со Саудиска Арабија ќе настапи на Светското првенство во 2023 година, кое ќе се одржува во Шведска и Полска. Ракометарите на Саудиска Арабија пласманот на Мундијалот го обезбедија, откако го освоија третото место на Азиското првенство.
Репрезентацијата на Саудиска Арабија на СП е во групата Б заедно со Франција, Полска и Словенија. Најдобрите три репрезентации од секоја група ќе обезбедат пласман во главната рунда.