Екс тренерот на Вардар и актуелен селектор на Зеленортските Острови, Љубомир Обрадовиќ го објави конечниот список на играчи за настап на Светското првенство во Полска и Шведска.
Најголем дел од избраните ракометари настапуваат во Европа, поточно во шампионатот на Португалија. Од 19 играчи, дури 11 од нив настапуваат за португалски клубови, а списокот е надополнет и со ракометар од Бундеслигата. Станува збор за Иво Сантос, член на Бергишер.
Обрадовиќ ќе може да смета и на искусниот, капитенот Леандро Семедо, како и на кружниот напаѓач Пауло Морено, кои настапуваат во актуелниот шампион од Лига на Европа, Бенфика, потоа на левиот бек Едмилсон Араухо, кој настапува за Спортинг Лисабон и на уште неколку квалитетни играчи од португалското првенство.
Репрезентацијата на Зеленортските Острови на Мундијалот во јануари ќе игра во групата Ц заедно со ко-организаторот Шведска, Бразил и Уругвај.
Ракометарите на Зеленортските Острови на минатиот Мундијал во Египет поради проблеми со играчкиот кадар не ја доиграа групната фаза.