Екс селектор на Шпанија и Бразил ја презема репрезентацијата на Словачка

Поранешниот селектор на селекциите на Шпанија и Бразил, Хорхе Дуењас, беше назначен за нов селектор на женската репрезентација на Словачка. Неговиот договор со словачката ракометна федерација ќе трае до крајот на 2024 година.

Дуењас во периодот од 2007, па сѐ до 2017 година, работеше како селектор на женската репрезентација на Шпанија. Со „црвената фурија“ забележа одлични резултати на големите натпреварувања, а најголемиот успех го постигна на Европското првенство во 2008, кое се одржуваше во Македонија, како и на Европското првенство во 2014, кога неговата репрезентација го освои второто место на двата споменати континентални собири.

Искусниот тренер, исто така, ја предводеше шпанската репрезентација до бронзените медали на Светското првенство 2011 година и Олимписките игри во Лондон (2012). Неговото големо искуство ќе биде од голема помош за амбициозната репрезентација на Словачка.

Шпанецот беше селектор и на селекцијата на Бразил, но не успеа да ги постигне зацртаните цели со „кариоките“. Тој со селекцијата на Словачка ќе се обиде да обезбеди пласман за Европското првенство на кое домаќини ќе бидат Македонија, Црна Гора и Словенија, но ќе има тешка задача бидејќи во група со Шпанија, Унгарија и Португалија, ракометарките на Словачка се аутсајдери.

Воедно, Словачка одигра два квалификациски натпревари од својата група и доживеа минимален пораз од селекциите на Шпанија и Унгарија. Дуењас својот деби настап како селектор на Словачка ќе го има на 3 март против Португалија.