Екипата на Феризај, во која настапуваат трите поранешни репрезентативки на Македонија, Мери Гичева, Ива Стојковска и Веселинка Треноска, обезбеди финале во косовскиот шампионат откако ја доби полуфиналната серија против Приштина со 2:1.
Феризај во „мајсторката“ со Приштина успеа да дојде до триумф од еден гол разлика, 30:29, со што обезбеди финале против тимот на Истогу, кој во полуфиналната серија против Вуштрија немаше никакви проблеми, стигна до две победи од 32:22 и 31:19.
Ракометарките на Феризај, иако, на првиот натпревар беа поразени од Приштина со 39:32, сепак, на вториот дуел остварија победа од 33:28. Победата од вториот дуел беше дополнителен мотив да го дадат максимумот на најважниот натпревар, во кој успеаја да го надиграат тимот кој пред започнувањето на полуфиналните битки заврши на 2. позиција на табелата.
Шампионската титула ќе ја освои екипата која ќе стигне до две победи во финалната серија. Истог во регуларниот дел на двапати славеше против Феризај, 32:31 и 37:28.