Според информациите на босанскиот портал „Спорт 1“, машката сениорска репрезентација на БиХ ќе има нов селектор, а тоа ќе биде некогашниот репрезентативец на Југославија и Хрватска, Ирфан Смајлагиќ.
Искусниот стратег во следниот период би требало да го преземе кормилото на босанската репрезентација, со цел остварување подобри резултати во следните квалификациски циклуси.
Смајлагиќ, кој во својата тренерска кариера беше селектор на младинските репрезентации на Хрватска, работеше и како тренер во екипите на Босна Сараево, Замет и Локомотива Загреб.
Во периодот од 2007 до 2009 беше селектор на репрезентацијата на Египет, а од 2015 до 2016 година ја предводеше и репрезентацијата на Иран. Додека настапуваше за репрезентацијата на Хрватска, освои златен медал на Олимписките игри во Атланда (1996), сребрен медал на Светското првенство во Исланд (1995) и бронзен медал на континенталниот собир во 1994 година, на кој Португалија беше домаќин.
Со репрезентацијата на Југославија на Олимписките игри во 1988 година го освои бронзениот медал. Смајлагиќ во играчката кариера настапуваше за екипите на Замет, Иври, Ним, Загреб…
Моментално, селектор на БиХ е тренерот на Извиѓач Љубишки, Тони Чолина. Тој во текот на месец март годинава ја наследи селекторската функција во БиХ од екс селекторот на Македонија, Ивица Обрван, кој реши да ја прекине соработката со ракометниот сојуз на БиХ.