Еден од ракометарите кој што во својата кариера настапуваше во македонската елита, Андреј Хапал во новата натпреварувачка сезона ќе биде предводник на сениорскиот тим на Грунвалд Руда Сласк од Полска.
Искусниот ракометар, кој по завршувањето на својата играчка кариера работеше како тренер во младинските категории во полскиот клуб, покажа солидни резултати во работата со младите ракометари, па раководството на Грунвалд одлучи Хапал да ја преземи тренерската функција во сениорскиот тим.
,,Според мене, со добра работа на тренинзите, многу играчи имаат шанса во иднина да се приклучат на тимови кои што настапуваат во најквалитетната лига во Полска. Мојата главна задача е да им помогнам на ракометарите да веруваат во себе и да создадат атмосфера во тимот, но и да помогнам на секој играч индивидуално да стане посилен во својата работа”, изјави Хапал.
Белорусинот во својата кариера настапуваше и за тогашниот состав на Еурофарм Работник, како и за екипата на Тиквеш. Играше и во шампионатот на Белорусија, Полска и Естонија.