Поранешниот ракометар на Вардар, Анте Кудуз, кој настапува за актуелниот романски шампион, Динамо Букурешт, е блиску до добивање романски пасош, со кој може да стане потенцијален репрезентативец на Романија, пренесува романскиот портал „ГСП“.
За да нема проблеми со правилото во домашното првенство кое ги обврзува машките тимови во Романија да имаат моментално двајца романски играчи на теренот од 8-те задолжителни за игра, раководството на Динамо Букурешт планира да го натурализира Кудуз, односно да му даде романски пасош. Репрезентацијата на Романија во иднина може да има голема полза од потегот на романскиот шампион.
Ракометарот од Хрватска не добива шанса во репрезентацијата на неговата татковина, иако, покажува солидни партии на клупско ниво. Левиот бек учествуваше во квалификациските натпревари за Европското првенство во 2020, беше на поширокиот список за учество на континенталниот собир во споменатата година, но, никогаш не доби вистинска прилика да го покаже својот потенцијал во дресот на „коцкестите“.
Со евентуалното ангажирање на Кудуз во репрезентацијата на Романија, би се зголемила конкуренцијата на позицијата лев бек. Освен Кудуз, на добар пат да добие романски пасош ѐ и иранскиот голман, Саид Хејдарирад кој ќе остане во Динамо Букурешт до 2024 година.