Српскиот вицепрвак Партизан оваа сезона бележи одлични резултати, барем на домашна сцена, со млад тим. На 11 натпревари, тимот на Дарио Кржељ оствари девет победи и два порази.
Клубот од Хумска во продолжение ќе биде посилен и во раководството. Во Партизан има нови членови во Управниот Одбор, а судејќи според имињата српскиот тим го чекаат подобри времиња.
Според пишувањата на српски „Журнал“, има дури десет нови членови, меѓу кои најпознати се имињата на некогашниот член на Вардар и Металург – Божидар Маркичевиќ, Бранко Кокир и Драган Максовиќ.
Левиот бек Маркичевиќ беше член на екипата од Автокоманда во сезоната 2009/10, додека во следната сезона се пресели во „црвено-црните“ редови, каде што остана исто така една сезона. По настапите за Вардар играше во шпанските Теукро и Антекера, а беше дел и од бундеслигашот Гепинген и словенечкиот Голд Клуб Козина.
Партизан во новата сезона ќе биде во иста група со Вардар во регионалната СЕХА лига, а со нив се уште хрватскиот Загреб и словачкиот Татран Прешов.