Поранешната ракометарка на Вардар, Андреа Кликовац, која својата богата интернационална кариера ја започна токму во Македонија, по завршувањето на оваа сезона ќе се повлече од ракометните терени.
Искусната ракометарка од Црна Гора во 2011 година пристигна во редовите на некогашниот македонски вицешампион Жито Прилеп, клуб во кој мина само еден дел од сезона 2011/12.
Кликовац по заминувањето од Жиро Прилеп ги засили редовите на Вардар, кој тогаш беше во фаза на формирање, односно градење на ѕвезден тим.
33-годишната ракометарка во „црвено-црниот“ дрес играше до сезона 2017/18. Црногорката со Вардар ги направи најголемите успеси на клупско ниво и петпати играше на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите.
По распадот на поранешниот македонски шампион, екс ракометарката на Вардар се пресели во ЧСМ Букурешт. На репрезентативно ниво речиси една деценија го носеше дресот на сениорската репрезентација на Црна Гора.
Таа како младинска репрезентативка освои бронзен медал на Светското првенство во Јужна Кореја. Во истата година (2012) стана европски првак со сениорската репрезентација.