Поранешниот младински репрезентативец на Македонија, Илија Крстевски, реши на 30 години да ја заврши ракометната кариера.
Десното крило го одигра последниот натпревар минатиот викенд во дресот на АИФК против тимот на СИФ и постигна атрактивен погодок што беше последен во кариерата.
За АИФК со овој пораз заврши сезоната во Финска, а со тоа и кариерата на некогашниот младински репрезентативец, кој во дресот на Македонија одигра 18 натпревари.
Крстевски потекува од школата на Металург, три сезони беше дел од тогашниот Металург Јуниор, пред да се пресели во Пролет, каде играше две сезони до 2016 година и забележа настапи во тогашниот Челинџ Куп.
Во 2016 година замина во Борец Велес, каде мина две сезони, а дел од кариерата мина и во Јуниор Кисела Вода. Во 2018 замина во Финска, каде остана до крајот на кариерата и беше меѓу најдобрите стрелци. Настапуваше за Паргас ИФ и последните две сезони во дресот на АИФК.