Екс голман на Струга го однесе својот тим во најсилната лига во Шведска

Екс голманот на Струга, Никола Матовиќ ја одигра најдобрата сезона во својата кариера и заедно со неговиот актуелен клуб Амо обезбедија пласман во најквалитетното натпреварување во Шведска.

Матовиќ, кој во македонската елита бранеше во првиот дел од сезона 2021/22 и беше прогласен за најдобар голман, повторно го доби истото признание во Првата лига во Шведска, бидејќи репрезентативецот на Црна Гора со одличните партии меѓу стативите го однесе Амо меѓу најдобрите шведски клубови.

Црногорецот дури на девет дуели го добиваше признанието за МВП на натпреварот. На последниот дуел, против екипата на Римбо запиша 18 интервенции и беше најзаслужен за победата од 44:33.

Амо настапот во прволигашката конкуренција во Шведска го заврши со биланс од 19 победи, шест реми и само еден пораз, односно собра 44 бода.

Се уште не е познато дали Матовиќ ќе го продолжи својот престој во новиот шведски суперлигаш. 24-годишниот голман поради одлични настапи веќе има неколку понуди на своја адреса.