Поранешниот голман на Црна Гора, Милан Косановиќ е најновото засилување во амбициозниот српски суперлигаш, Југовиќ. Искусниот голман, кој има 40 години, во редовите на клубот од Кач ќе пристигне од израелскиот шампион Хапоел Ашдод со кој ја освои дуплата круна во минатата сезона.
Косановиќ играше и за македонскиот шампион Вардар. Во редовите на „црвено-црните“ настапуваше во сезона 2008/09. Беше дел и од екипите на Железничар Ниш, Црвена Звезда, Ставангер од Норвешка, француски Истр, Макаби Тел Авив, а во својата богата интернационална кариера настапуваше и за двата клубови од Бундес лигата – Минден и Балинген.
,,Со доаѓањето на Косановиќ во нашите редови добивме големо засилување. На новиот играч му посакуваме дoбредојде во Кач и многу успеси во дресот на нашиот клуб”, изјавија од Југовиќ.
Екипата на Југовиќ минатата сезона заврши на 12. позиција во српскиот шампионат, откако во регуларниот дел не успеа да обезбеди пласман во плеј-оф натпреварувањето. Раководството на клубот за следната сезона планира уште неколку засилувања, со цел подобар пласман во домашниот шампионат.