Поранешната ракометарка на Подравка, Крим, Вардар и последно на унгарскиот Шиофок, Андреа Кобетиќ, најверојатно ќе одигра уште една сезона. Таа третпат најавува пензионирање и завршување на ракометната кариера, но се чини дека финишот на оваа сезона поради коронавирусот, ќе ја премисли уште еднаш.
Според унгарските медиуми, раководството на Шиофок веќе ја најави таа можност, па тимот би било многу поконкурентен и дома и на меѓународна сцена, бидејќи ќе бара вајлд-карта за Лигата на шампионите.
Кобетиќ пред да се пресели во Унгарија одигра четири сезони во Вардар, четири пати играше на завршниот турнир во ЛШ, два пати во финалето, но и на два пати со македонскиот првак не успеа да стигне до титулата по поразите од унгарскиот Ѓер.
Сезонава Шиофок ги победи и ФТЦ и Ѓер, но остана без шанса да се бори за титулата во Унгарија. Веќе мисли на следната сезона и ги донесе Габриела Тот, Лаура Ван Дер Хејден, Дина Екерле, Николет Киш, Тамара Хорачек и Даник Снелдер, а тука се староседелците Томори, Пена, Сикора, Ниомбла, Јежиќ…