Репрезентативецот на Србија и поранешен член на шампионскиот тим на Вардар, Мијајло Марсениќ кој сега настапува во Фуксе Берлин за српските медиуми ја опиша ситуацијата со коронавирусот во Германија.
Иако во многу земји во Европа ситуацијата е критична, а во Германија бројот на заболени се приближува до 100.000 и има над 1.000 починати како последица на вирусот, сепак ситуацијата не е толку алармантна.
„Ситуацијата во Германија не е толку страшна како во Италија, Шпанија и Франција. Сè уште нема полициски час и карантин, но луѓето се многу дисциплинирани. Улиците се празни, кафичите и трговските центри се затворени, во маркетите сите носат заштитни маски и ракавици и држат растојание. Времето го изолација го поминувам така што тренирам, читам книги, играм плејстејшн, разговарам со семејството. Го учам јазикот бидејќи немав многу време претходно, излегов од секојдневната рутина но се надевам брзо ќе се вратам“, рече Марсениќ.
Марсениќ и неговите соиграчи се договорија со раководството на Фуксе Берлин за намалување на платите во следниот период, за клубот да нема проблеми со функционирањето во иднина.