Во текот на вчерашниот ден беа објавени ваучерите кои спортските клубови и федерации ги добиваат од државата, односно од Агенцијата за млади и спорт.
По објавувањето на висината на ваучерите за секој клуб поединечно, неколку клубови кои партиципираат во Првата машка лига го искажаа своето незадоволство преку социјалните мрежи.
Освен кај машките клубови, незадоволство од висината на добиените ваучери има и кај женските клубови. Тренерот на Овче Поле Славјански Универзитет, Илија Бетувски во изјава за 24Ракомет истакна дека биле непријатно изненадени од доделената сума, која за нив е многу мала. Судбината на клубот од Свети Николе станува неизвесна, а денес раководството на екипата ќе одржи состанок каде ќе се разгледуваат сите опции за опстанок на македонска сцена.
„Во врска со ваучерот и ние сме непријатно изненадени од доделената сума, не знам од кои причини е толку ригорозно намалена. Имавме големи амбиции за постигнување уште подобри резултати со клубот благодарение на ваучерот, кој за нас е од големо значење бидејќи сме мала и посиромашна општина. Добар дел од средствата ги насочувавме токму кон најмалите генерации. Во клубот работиме со преку 50 девојчиња, со желба да направиме добри спортисти, ракометарки но и психофизички здрави генерации. Младите ракометарки бесплатно без да даваат ниту еден денар тренираат во клубот сѐ со цел да бидеме достапни за сите деца, а посебно за социјално позагрозените семејства. Плановите за следната сезона ни беа да донесеме две до три нови ракометарки во сениорскиот тим за да бидеме дел од првите осум екипи. Но, плановите се едно, а можностите во овој случај сосема друго. Ние планираме состанок со Управниот Одбор на клубот и ќе одлучиме како ќе делуваме понатаму. Не сакам ни да помислам на тоа клубот да згасне бидејќи состојбата за одржување на клубот со тие средства во овој момент ни е невозможна мисија, но се може да се случи, па и ова наше мало градче да го изгуби по мене најорганизираниот но и единствениот женски клуб, кој успешно го претставува градот од 2004 година, и 15 години учествува на завршните турнири во младинските категории каде 13 пати освоивме медали. Мислам дека агенцијата прави голема грешка бидејќи најголема помош им треба баш на клубовите кои сѐ од посиромашните општини и на нив треба да им се даде шанса, а не да се фокусираме на неколку клубови, кои самите можат да обезбедат средства. За мене, 60% намалени средства е крајно несфатливо“, коментираше Бетувски.
Овче Поле Славјански Универзитет пролетниот дел од сезоната во Женската Лига треба да го стартува со дуел против Гевегелија во плеј-аут натпреварувањето.
АМС додели ваучери: Повеќето клубови и РФМ добија помалку од лани (ФОТО)