Десното крило на Кил и репрезентацијата на Шведска, Никлас Екберг доживеа повреда на дербито од 33. коло во Бундес лигата против Магдебург кое Кил го загуби со 33:34.
Екберг се повреди откако врз неговата нога паднаа Рајнкинд и Гулеруд, по што веднаш морашe да го напушти теренот. Дијагнозата за неговата повреда е веќе позната, а тоа е повреда на внатрешните лигаменти на десното колено што ќе го одалечи од терените шест до осум недели.
Според ова, учеството на Екберг на Олимписките игри во Токио е доведено во прашање и неизвесно е дали ќе успее да заздрави навреме. Првиот список на репрезентацијата на Шведска со ракометари за настап на ОИ ќе биде познат на 23 јули.
„Еки имаше добра сезона и сигурно ќе ги пропушти претстојните натпревари. Сега останува да се надеваме дека и покрај повредата, тој, сепак, ќе може да го исполни сонот да учествува на Олимписките игри“, изјави директорот на Кил, Виктор Шилаги.
Екберг изминатата сезона на завршниот турнир во Келн за 2020 година кој се играше во декември го освои трофејот шампион на Европа, а исто така имаше одлична сезона во Бундес лигата. Оваа повреда дојде во многу незгоден момент и за него и за Кил кога екипата се бори за шампионската титула во Германија.