„Едниот тренер е шпанска школа, другиот скандинавска, кој модел го играме ние?“

Словенечката репрезентација имаше фуриозен старт на првенството против Кореја, но потоа следуваше шокантен пораз од Русија во второто коло. Пласманот во следната фаза го потврдија со победата против Белорусија.

Словенија не игра во препознатливата форма на ова првенство, а поранешниот селектор на репрезентацијата, Тоне Тисељ имаше свое критичко мислење за игрите на избраниците на Љубомир Врањеш.

Тисељ е познат по тоа што нема влакна на јазикот и често има критичко мислење, а овојпат имаше две забелешки за кои смета дека ја прават разликата во споредба со изданијата на Словенија на Европското првенство во 2020 година.

„Демократскиот начин на водење на репрезетантацијата што е типичен за Шведска може да биде ефективен, но таму, кај нас можеме да видиме од секојдневниот живот дека нашето општество не е подготвено за тоа. После 30 години демократија во Словенија уште не знаеме што да правиме со неа. Се сомневам дека ваквиот вид на лидерство е најдобриот за нашиот тим. Покрај тоа имаме двајца тренери на клупата од кои едниот е претставник на шпанската школа, а другиот на скандинавската. Би било добро кога би знаеле кој модел нашата репрезентација го игра“, рече Тисељ за словенечка „Екипа“.

Во главната фаза на првенството репрезентацијата на Словенија е прв противник на Македонија, натперварот се игра во среда со почеток во 15:30 часот. Останатите протвиници на Словенија во главната фаза се Шведска и Египет.