Француската репрезентативка Сираба Дембеле Павловиќ во новата сезона ќе ги брани боите на романскиот шампион ЧСМ Букурешт.
Според информациите на „Л’Екип“, Дембеле ќе го раскине договорот со Тулон кој е на сила до 2021 година и ќе се пресели во Букурешт.
Таа паузираше минатата сезона поради мајчинство, но сега е подготвена за камбек на ракометните терени и тоа во клубот против кој има одиграно многу натпревари во дресот на ЖРК Вардар.
По заминувањето од Македонија, Дембеле беше членка на рускиот Ростов, а претходно има настапувано и за данскиот Рандерс.
Од ЧСМ Букурешт на лето ќе замине Андреа Лекиќ во Будуќност, а веројатно истата насока ќе ја фати и Драгана Цвијиќ, која не го продолжи договорот со ЧСМ.