Една од ракометарките која што остави голем белег во женскиот ракомет во Македонија, Јелиз Озел, денеска официјално се повлече од репрезентацијата на Турција и своето место им го отстапи на помладите колешки.
Пред почетокот на натпреварот меѓу Турција и Србија во рамки од квалификациите за пласман на Европското првенство 2022, кое ќе се одржи во Македонија, Словенија и Црна Гора, на Јелиз Озел и беше врачено посебно признание за нејзиниот придонес во националниот дрес.
Искусната ракометарка, која има 42 години, во дресот на Кометал ЃП настапуваше три сезони, од сезона 2004/05, па сѐ до крајот на 2006/07. За брзо време стана лидер во таборот на ѓорчепетровки, како и миленик на македонската публика.
Озел својата клупска кариера ја започна во Турк Телеком во 1998 година, а играше уште во низа турски клубови – Ускудар, Анадолу Универзитет, Мили Пјанго, Јенимахал, Муратпаша, Кастамону и Јаликавак.
Моментално го носи дресот на Измир, а одличниот среден бек играше и за норвешкиот Бјасен, како и романската Валчеа. Во својата репрезентативна кариера ниту еднаш не успеа со своите соиграчки да избори пласман на Светско или Европско првенство.