Еден Шпанец го напушта тимот на Келце

Екипата на Келце која во последните години доминира во шампионатот на Полска летово најверојатно ќе остане без еден од Шпанеците. Левото крило Анхел Фернандез планира да си замине после три сезони и да се врати во својата земја.

Иако оваа вест не е потврдена, сепак, информациите говорат дека Фернандез ќе се пресели во редовите на Барселона каде што се во проблеми на позицијата лево крило и им треба искусен играч.

Тој би требало да биде замена за Пасквал и Мортенсен. За првиот веќе се знае дека оди во Динамо Букурешт, додека Данецот е решен да си замине, но засега нема информации кој ќе биде неговиот нов клуб. Во Барселона останува само Аитор Арињо, но тој поради повреда е надвор од комбинација и ќе се врати на терените дури следната година.

Со тимот на Келце, Фернандез трипати беше шампион на Полска, а двапати го освои Купот на оваа земја. Покрај тоа играше и на Ф4 турнирот во Келн.

Новиот тренер Антонио Карлос Ортега би сакал да го види во клубот така што нема да има проблеми да го има во составот.