Иако шампионот на Полска, Келце во текот на вчерашниот ден објави дека ќе ја истера оваа сезона со актуелниот состав, без разлика на проблемите со кои се соочува, поголемиот број на клубови веќе започнаа потера по најдобрите играчи од составот на европскиот првак од сезона 2015/16.
Клубовите како ПСЖ, Барселона, Веспрем, ПИК Сегед…покажаа интерес за неколку играчи од Келце. Како што е веќе познато, актуелниот шампион на Унгарија, ПИК Сегед посакува во своите редови да го донесе тренерот Талант Душебаев, како и неговите синови Алекс и Даниел, кои исто така настапуваат под негова палка во полскиот гигант.
Заинтересираност за Талант Душебаев има и од Египет. Искусниот стратег, кој има договор со Келце до 2025 година, е една од желбите на Ракометната федерација на Египет, која е во потрага по нов селектор, откако вчера го раскина договорот со Роберто Гарсија Парондо.
Причината за раскинувањето на договорот на египетската федерација со Парондо беше поради тоа што екс тренерот на Вардар имаше ангажман на клупско ниво, односно работи како тренер во Мелсунген и во бундеслигашот ќе остане најмалку до јуни, 2025 година. Челниците на ракометната куќа на Египет бараа од шпанскиот стручњак да работи само во репрезентацијата, со цел да има поголема посветеност кон египетските играчи.
Сепак, доколку се реши финансиската криза во Келце, или пак Душебаев продолжи во ПИК Сегед или некој друг европски клуб, се поставува прашањето дали египетската федерација сѐ уште ќе има желба за негов ангажман, со оглед на тоа дека инсистира на селектор, кој ќе работи само во репрезентацијата.
Душебаев последниот ангажман на репрезентативно ниво го имаше во селекцијата на Полска, која ја предводеше во периодот од 2016 до 2017 година.