Европски и светски шампион е нов соиграч на Пешевски во Штутгарт

Екипата во кој настапува Жарко Пешевски ја очекува голема борба до крајот на сезоната во борбата за опстанок. За да помогне во остварување на таа цел во тимот пристигна поранешен репрезентативец на Германија кој има освоено еврпско и светско злато.

Кристијан Цајц на 39 години се враќа во Бундес лигата, тој потпиша договор со Штутгарт до крајот на сезоната. Цајц претходно играше во третата германска лига во екипата на Нузлох која се откажа од натамошно натпреварување заради финансиски проблеми.

„Знам во каква тешка ситуација е клубот, сега заедно ќе се обидеме Штутгарт да остане во првата лига од првенството на Германија“, кратко кометираше Цајц.

Ангажирањето на Цајц е резултат на повредата на Давид Шмидт кој ќе биде надвор од терените неколку недели заради повреда на шутерската рака. Во Штутгарт се задоволни од неговиот ангажман и сметаат дека може да биде од голема корист во клучни моменти од натпреварите.