Репрезентацијата на Норвешка по триумфот од 27:21 против домаќинот на Светското првенство, Шпанија, обезбеди место во финалето на Мундијалот. Победата беше обезбедена со подобрата игра во второто полувреме, односно во периодот од 40. минута, па сè до самиот крај.
Двете репрезентации одиграа одлично прво полувреме, иако, Норвешка имаше предност од два до три гола во првите 30 минути.Сепак, Шпанија со одличната Наваро на голот не се откажуваше и до самиот крај на првиот дел се бореше за секоја топка. На спротивната страна, Лунде бранеше во свој елемент, но нејзините колешки не успеаја да ги наградат нејзините интервенции. По големата борба во воведниот дел, ракометарките на Норвешка почнаа да создаваат сериозна предност, водеа со најмногу три гола разлика, а во самиот финиш од првото полувреме им дозволија на своите противнички да направат камбек. Со два гола во низа, Шпанија се избори за нерешен резултат на полувреме, 11:11.
Репрезентацијата на Шпанија во второто полувреме осум минути беше без постигнат погодок. Норвешка успеа да искористи неколку грешки на својот противник и да дојде до водство од 15:12. Следуваше подобра игра од страна на шпанската репрезентација, која со два брзи погодоци намали на 14:15 и повторно ја врати неизвесноста на натпреварот.
Норвежанките на индивидуален квалитет преку Мерк и Јакобсен ја користеа секоја дупка во одбраната на спротивната страна и почнаа да го зголемуваат водството за својата репрезентација. На десетина минути пред самиот финиш резултатот беше 22:17 за Норвешка. За домаќинот на овој Мундијал немаше многу време бидејќи во секој напад требаше да се постигне погодок. Шпанија во последните минути имаше голема негатива и мораше да се помири со денешниот пораз, додека Норвешка со освоената победа обезбеди финале против репрезентацијата на Франција. В недела од 17:30 часот Европскиот првак (Норвешка) ќе игра против олимпискиот шампион.
Најефикасна во победничката репрезентација беше Нора Мерк со осум погодоци. Во составот на Шпанија, Александрина Кабрал Барбоса беше прв стрелец со пет погодоци.