Европскиот првак втор меч без победа, „македонската“ Локомотива загуби кај Кастамону

Денес се одиграа четири натпревари од 5. коло во Лигата на шампионите во женска конкуренција, а најголемо изненадување направија екипите на Ференцварош и Будуќност, кои одиграа нерешено против Вајперс Кристијансад, односно Рапид Букурешт. Хрватскиот шампион Локомотива Загреб и по пет одиграни кола останува на дното на табелата со нула бодови.

Ференцварош на свој терен одигра реми 26:26 против актуелниот бранител на титулата Вајперс Кристијансад. Грета Мартон со својот четврти гол, кој беше постигнат на дваесетина секунди пред крајот, му донесе голем бод на унгарскиот тим.

Најефикасна во домашната екипа беше Катрин Клјубер со шест погодоци, додека Емили Белк имаше пет реализации. Кај норвешкиот тим се истакна репрезентативката на Русија, Ана Вјахирева со осум погодоци. На голот на Ференцварош, Кинга Јанурик имаше 15 интервенции, а една одбрана повеќе, односно 16, забележа голманката на Вајперс Кристијансад, Кастрин Лунде. Ова е втор меч по ред без победа за европскиот првак, откако минатото коло загуби на гости кај Битигхајм.

Тимот на Локомотива Загреб, во кој настапуваат трите репрезентативки на Македонија, Леонида Гичевска, Сања Дабевска и Андреа Седлоска, го доживеа петтиот пораз во најквалитетното европско натпреварување, откако на гостувањето во Турција кај Кастамону беше поразен со 26:23 (16:11).

Леонида Гичевска одигра солиден натпревар и трипати се запиша во листата на стрелци, кружниот напаѓач Сања Дабевска имаше една реализација, а Андреа Седлоска не доби минутажа во дуелот против турскиот шампион, кој со денешната победа ги освои првите бодови во новата сезона.

Будуќност пред својата публика ремизираше против составот на Рапид Букурешт 30:30 (13:10). Избраничките на Бојана Поповиќ го одиграа најдобриот натпревар во годинешната сезона и речиси во целиот натпревар беа во водство. Ракометарката на Будуќност, Матеа Плетикосиќ на десет секунди пред крајот успеа да реализира за нерешен резултат.

Во црногорскиот тим најефикасна беше Милена Раичевиќ со 12 погодоци. Листата на стрелци кај Рапид Букурешт беше предводена од Марта Лопез и Мариа Грозав.

Оденсе лесно го мина Брест Бретањ со 25:21, а победата ја обезбеди уште во првото полувреме кое го доби со убедлив резултат од 16:8. Оденсе со победата ги задржа шансите за висок пласман во групата А.