Европскиот шампион Шпанија без поголеми проблеми ја одработува трката кон одбрана на титулата освоена на претходното Европско првенство во Хрватска пред две години.
Некогашниот шпански репрезентативец Талант Душебаев, кој сега е тренер на полскиот Келце, а неговите двајца синови – Алекс и Дани играат за „фуријата“, вели дека ќе биде задоволен со трето место.
„Не сакам Шпанија да ја одбрани титулата. Ако погледнеме низ статистиката – тој што го освоил Европското првенство во годината кога се одржуваат Олимписките игри, е далеку од освојување на олимписко злато. Нашите момци стигнаа до полуфинале, но јас ќе бидам задоволен и со третото место“, изјави Душебаев за рускиот „Брз Центар“.
Шпанија денеска ќе игра со Хрватска во натпревар за првото место во групата 1 од главната рунда, а победникот од овој дуел ќе игра со второпласираниот од групата 2, најверојатно Словенија.