Тренерот на Келце и поранешен селектор на Полска Талант Душебаев во интервју за полските медиуми го пофали настапот на една од двете селекции домаќини.
Полска во главната фаза се пласира со само една победа над Саудиска Арабија. Душебаев најпрвин постави прашања. Сега сите зборуваат за разочарување. Но, кој толку ја надува „топката“?
„Ми се чини дека тоа е една од последиците на објавите пред почетокот на првенството, за пласман во четвртфиналето или влез во ТОП 10. Целта е една работа, но секогаш мораме да останеме реални. За жал тука работам долги години и знам за што е способен тимот во овој момент. Полска нема таков состав за пласман во четвртфинале и покрај тоа немаше среќа со ждрепката“ – надополни Душебаев.
Тој нагласи дека ова е само негово мислење и дека како поранешен селектор е емотивно врзан за овој тим.
„Отказ за Патрик Ромбел би бил огрома грешка, доколку дојде како резултат на притисок и незадоволство. Нека остане да работи до 2028 година. Тогаш треба да се бараат резултати од него. Ако добие отказ, ќе дојде друг селектор и тој ќе почне со работа од почеток. Едноставно е, непочитување да се зборува за изгубените четири години сега“, коментира Дуешбаев.
Полска дефинитивно ги загуби шансите за четвртфинале по вчерашниот пораз од Шпанија, како и претходните два порази во групата од Франција и од Словенија. До крајот на шампионатот полската репрезентација ќе одигра уште два натпревари со Црна Гора и со Иран.