По првиот пораз од Висла Плоцк, тимот на Металург сега како гостин ќе го одигра и вториот натпревар со полскиот вицепрвак во Лигата на Европа.
Капитенот Даниел Дупјачанец вели дека проблем е кратката ротација и немањето свежина што ја прави ситуацијата уште потешка. И вечерва на терен ќе бидат само 12 ракометари, а место повредениот Маркоски, шанса добива новото засилување Калуѓеровиќ.
„Се наоѓаме во незавидна ситуација, се наоѓавме и пред тоа. Дури се чини некако како да сме проколнати, еден играч добиваме, а друг губиме. После дуелот со Чеховски, го загубивме Хорват поради позитен ковид-тест, кога мислевме дека малку ќе дигнеме глава со доаѓањето на Василие Калуѓеровиќ, за жал го загубивме Велко Марковски. И сами видовте како се одвиваше претходниот натпревар, немавме ротација и со тоа немаме ни свежина, а сепак играме против еден сериозен противник. Тоа немање на свежина ја прави дополнително потешка ситуацијата. Но, што е тука е! Тука сме да одиграме. Се надевам на подобро издание на денешниот натпревар“, вели Дупјачанец.
Во тимот од Авткоманда шанса добија Брестовац, Петкоски, Кофилоски, Митиќ…а тие ќе играат и денеска.
„Некои помлади играчи добија шанса на претходните два натпревари во Европската лига и мислам дека од натпревар во натпревар ќе бидат подобри. Искуството што го стекнуваат на овие натпревари ќе биде дополнителен мотив уште подобро да се претстават на денешниот натпревар. Треба да ги искористиме овие натпревари за добивање на нови играчи, да добијат поголема минутажа и драгоцено искуство. Добро е што играме без разлика колку е сложена целата ситуација. Можевме да си направиме дополнителни компликации со евентуално откажување на овие натпревари со Висла Плоцк, да загубиме службено или да си направиме уште погуст распоред во, за нас побитниот период, кога почнува нашето првенство. А, на овој начин сметам дека ги добиваме овие играчи за во иднина. Секоја чест на борбеноста што ја прикажуваат и мислам дека имаме добри услови утре да се прикажеме во подобро светло отколку на претходниот натпревар.
Натпреварот меѓу Висла Плоцк и Металург се игра вечерва во „Орлен Арена“ со почеток во 18:45 часот.