Дупло голо

Вардар набрзина го „соголи“ Порто, Металург набрзина остана без бод и без тренер.

1.Вардар по вардарски

Не беше ни преполно, ни премногу еруптивно, имаше и празни редови на трибини и кризни минути на терен, ама на крај се заврши победнички. Вардар го победи Порто во премиерниот натпревар од новата сезона во „Јане Сандански“, па европскиот шампион сега има позитивна серија, максимални четири бода и лидерска позиција по првите две кола, што секако е добар старт во одбрана на титула.

Вардарци со право очекуваа и реално заслужуваат повеќе публика на премиерниот меч на домашен терен, но за дел од „верните“ навивачи Порто сепак не беше доволно привлечен противник. Навивачите пак, оправдано и реално, очекуваа многу повеќе од Вардар против португалскиот шампион иако на крај победата брзо ги фрли во заборав и лошите 30 минути од првиот дел, но и погрешните проценки и тенките позиции кај „црвено-црните“. Писонеро како што најави, добро ги простудирал и шемите на Порто и „глупостите“ на Мешков Брест од минатото коло кога прокоцкаа добиен меч во Португалија и од +6 завршија на -2. За среќа на Вардар и во прилог на Шпанецот, неговиот шведски колега на португалската страна, пак ги измеша брзините, „уфрли“ во „7 на 6“ на погрешно место во погрешно време, прими пет на празен гол и толку беше, Порто влезе во машината на шампионот.

Колку и да е усовршена играта со тој фамозен „вештачки вишок“ во напад, Магнус Андерсон би требало да знае дека ретко кој вистински профитирал со празен гол. Уште помалку – изненадил европски шампион.

Добро. Што е за право, своевремено му успеа на Лино со Металург да го фати Раул на препад, ама тоа беше еднаш во едно друго минато време. Како и да е, стратегијата на Андерсон барем пак не врати на онаа неисцрпна новинарска дискусија за ползата и штетата од фамозните „7 на 6“, на маса да броиме кој „ќарил“, а кој дебело се зезнал од тактиката, уште неколку саати откако се изгасија светлата во „Јане“.

2.Работник како Металург

Неколку дена пред тоа пак, Стевче Алушовски со Работник нè врати на темата „црна дупка“ во второ полувреме. Ви текнува сигурно на онаа „црна дупка“ во која лани често паѓаа „металурзите“ во второ полувреме и никако не успеваа да победат во ЛШ? Е, сега истата мака ги снајде и битолчани. Еурофарм Работник од Металург ја презеде вицешампионската титула и местата во СЕХА и во ЛШ. Арно, ама ја наследи изгледа и лошата карма. И ако за Металург и за Брестовац тогаш, донекаде имаше и оправдување во младоста и неискуството, во финансиската криза и во калењето на младите македонски репрезентативци…за „фармацевтите“ остануваат многу малку од овие „кредити“. Дебитанти се како клуб и немаат многу искуство во големите европски натпреварувања, но имаат искуство во составот и воопшто не се ни налик на ланската младина од Металург. Финансиски се многу побезгрижни во однос на другите „сини“, а ни репрезентативците не се калат нешто многу иако ги има на список и на клупа…И кога нема многу оправдани оправдувања, одговорноста и товарот паѓа на грб на играчите и на тренерот.

Битолчани добро почнаа, собраа солидна репрезентативна база, стартуваа победнички во СЕХА, добро „отворија“ и во првите два мечеви во ЛШ, ама на крај лошо ги затворија. На дебито во Битола со Спортинг (не со Порто, како што неколку пати го измешаа) во „дупката“ во второ, пропадна еден гол предност од прво. Неделава во Шведска против Савехоф пак се повтори приказната, само што овој пат „црната дупка“ во второто полувреме „проголта“ цели пет гола предност, а „фармацевтите“ немаа лек.

Алушовски фер и коректно ја презеде одговорноста за поразите и за пропустите. Има и време и простор и доволно предизвик да ја пополни „дупката“ и да ја оправда довербата, но и да го симне товарот што, безмалку на секој домашен тренер овде, му тежи двојно повеќе.

3. „Мистер декември“ не го дочека октомври

Што е за право, не му беше лесно ни на новодојдениот Дамир Стојановиќ на клупата на Металург, посебно не деновиве откако Пролет му ја „попари“ есента на тимот од Автокоманда, а српскиот стратег брзо ги спакува куферите. И така многу фалениот „мистер декември“ (од календарот на Металург) во Автокоманда не издржа ни до октомври.

Повратникот во Супер лигата, нели, требаше само рутински да се „прошета“ како прв фаворит во регуларниот дел од сезоната и на пролет, здравје боже, да се бори да си ја врати вицешампионската во плеј-офот. Арно ама, пролетта изгледа далеку вака од есенска перспектива, иако во Автокоманда си имаат и посебен календар, во кој прават облечи-соблечи од септември до август. Некој се соблекува во 2019, а некој во 2020, кому како ќе се погоди. На Стојановиќ, дефинитивно, не му се погоди.

Поразот од Вардар во Супер купот во Куманово беше реално предвидлив и очекуван, но, ремито на раб на пораз со Пролет, беше поприлично шокантно за Металург. Ако 30 примени гола од пулените на Игор Котевски од Металург 2 беа само предупредување, тогаш лекцијата од Пролет и од Матлиевски во третиот суперлигашки меч дефинитивно беше како мраз во септември за амбициите на Металург и за „мистер декември“ на клупата. Пролет во поголем дел, го надигра фаворитот, Металург делуваше збунето и безидејно, а Стојановиќ потоа објаснуваше дека било тешко човек да се прилагоди на македонскиот стил на ракомет… Мислиш во „Шпаркасен Арена“ играле, а не во „Македонско сонце“ во Пролеќе!

И, два дена потоа, Дамир Стојановиќ си замина од Металург. „За успомену“ од српскиот стручњак остана само фотката на календарот за месец декември 2019. Џабе соблекување, џабе сликање.

Ма, убаво си кажа Игор Котевски во една прилика…

 


КОЛУМНАТА „СЕДМЕРЕЦ“ ГИ ИЗРАЗУВА СТАВОВИТЕ НА АВТОРОТ И ИСТИТЕ НЕ ГИ ОДРАЗУВААТ МИСЛЕЊЕТО И СТАВОВИТЕ НА РЕДАКЦИЈАТА НА 24РАКОМЕТ.