Амбициозната екипа на Дунареа Браила од Романија означи старт на подготовките за новата натпреварувачка сезона. Во романскиот суперлигаш во новата сезона ќе настапуваат четири ракометарки кои во својата кариера играле во македонскиот шампионат.
Станува збор за поранешната ракометарката на Вардар и Металург, левото крило Јована Саздовска, која во Дунареа Браила настапува од 2020 година, потоа екс голманката на дрим тимот на Вардар, Мајса Песоа, левиот бек на македонската репрезентација, Марија Штериова и средниот бек, Кристина Лишчевиќ, кои во Македонија настапуваа за Вардар, односно Металург. Штериова и Лишчевиќ се дел од новите засилувања во романскиот суперлигаш.
Дунареа Браила речиси целосно го смени составот за новата сезона. Донесе вкупно седум засилувања, а клубот го напуштија четири ракометарки. Нова ракометарка во тимот е и репрезентативката на Хрватска, Јосипа Мамиќ.
Во клубот ќе настапуваат дури 14 интернационалки, најмногу од сите тимови во Романија, па така екипата ќе има потешкотии на домашна сцена, со оглед на новото правило во романскиот шампионат, кое наложува сите екипи да имаат најмалку 40% романски играчи.