Женската младинска репрезентација на Македонија од утре ја очекува настапот на Европското првенство во Романија.
Една од предводничките на нашата селекција е Теодора Дукоска. Таа смета дека треба да наметнеме наша игра, а успехот сам ќе си дојде.
„Фокусот е на групната фаза, ќе одиме чекор по чекор. Можеме да се носиме со секоја репрезентација. Мора да се бориме и да покажеме дека навистина вредиме. Правиме анализа на сите ривали, иако досега не сме играле со ниеден од нив. Ги воочуваме грешките од минатите натпревари и ги одработуваме последните тренинзи пред ЕП. Целта ни е да наметнеме наша игра, да ги реализираме поставените задачи, а успехот сам ќе си дојде. Со шесте пријателски натпревари се воигравме и ќе ги поправиме грешките кои не би требало да се повторат на ЕП“, изјави Дукоска за 24Ракомет.
Првиот ривал на Македонија е Црна Гора, утре од 18:45 часот, додека в петок е мечот со Данска од 16:30. Последната средба од групната фаза се игра в недела од 14:15 часот против Чешка.