Дукоска и Ѓеоргиевска го водеа Чаир до убедлива победа против Кузман Вардар

Еден од тимовите кои конкурираат за добар пласман во новата сезона, Чаир, во натпревар од Женската лига оствари убедлива победа против младиот состав на Кузман Вардар со резултат 46:25.

Екипата на Кузман Вардар на овој натпревар настапи без двете голманки, Ивана Петровска и Ивона Ивановска поради оправдано отсуство, па така тренерот, Александра Кузмановска меѓу стативите реши да постави ракометарка која играше со маркер.

Со оглед на ситуацијата на терен и квалитетот меѓу двете екипи, јасно беше дека бодовите ќе останат за домашната екипа. Неизвесно беше само во воведниот дел од натпреварот кога гостинките од Илинден беа во негатива од минус еден гол разлика, 4:5. Избраничките на Басри Љатифи на полувреме имаа предност од плус 12 гола разлика, 25:13.

Во второто полувреме кое послужи како тренинг, најчесто шанса добиваа ракометарките со помала минутажа. Чаир покажа тотална доминација во вториот дел и драстично ја зголеми својата предност за конечни 46:25.

Најефикасни во победничката екипа беа Теодора Дукоска со осум и Стефанија Ѓеоргиевска со седум погодоци. Во таборот на Кузман Вардар, Сандра Јовевска постигна осум погодоци, додека Нина Милевска и Андреа Ангеловска по пет пати се запишаа во листата на стрелци.

Чаир заедно со екипите на Куманово, Деспина и Пелистер од Групата А обезбедија место меѓу најдобрите осум екипи во плеј-оф натпреварувањето.