Ракометарките на Чаир го надиграа Вардар и славеа триумф со 27:25, во натпревар од 7. коло од плеј-оф фазата во Женската лига.
Вардарки преку Дамјановска го отворија натпреварот и на самиот почеток поведоа со 1:0. На домаќинките им требаше три минути да дојдат до првиот погодок, па така репрезентативката на Македонија, Теодора Дукоска, донесе изедначување на резултатот, 1:1. Цврстата одбрана кај двете екипи во првиот дел беше најдобар показател дека ќе има голема борба за освојување на бодовите.
По осум минути игра, водството на избраничките на Драгана Ристова беше 3:1. Вториот погодок домашниот состав го постигнаа по десет минути игра преку Ѓеоргиевска за минус еден гол разлика, 3:2. По краткиот блесок на Вардар за 7:4, домаќинките со серија од три гола, која беше дело на Дукоска, Божиновска и Ѓеоргиевска, направија камбек во натпреварот израмнувајќи го резултатот на 7:7.
Вардарки се одлепија на 9:7, но потоа повторно имаа пад во играта. Чаир речиси ги искористи сите грешки на гостинките и повторно дојде до израмнување на резултатот, 10:10. Во завршниот дел од првото полувреме домашниот состав целосно го надигра Вардар и на пауза замина со два гола предност, 14:12.
По неколку минути игра во вториот дел, Чаир ја имаше највисоката разлика од четири гола, 17:13. Тренерот на Чаир, Басри Љатифи во 40. минута побара тајм-аут, со цел неговите избранички да ја одржат предноста. Советите од домашната клупа вродија со плод бидејќи Чаир беше во вистински налет да ја оствари целта.
Во 45. минута водството на домашниот тим беше 21:17. Вардар не успеа да ја намали резултатската негатива и му дозволи на противникот да има целосно контрола во последниот период од натпреварот. Чаир во последните десет минути влезе со предност од 24:22. Ракометарката на Вардар, Катерина Дамјановска, во 53. минута доби исклучување поради приговор, а нејзината колешка, Миновска успеа да реализира за минус еден, 24:23. Последните пет минути беа шанса за Вардар да дојде до израмнување, но не ја искористи дадената прилика.
Најефикасна во победничката екипа беше Теодора Дукоска со девет постигнати погодоци. Одлична партија покажаа и Ана Марија Божиновска, како и Стефанија Ѓеоргиевска, кои постигнаа по пет погодоци. Кај Вардар, Ивона Трпевска беше најефикасна со девет гола.