Домагој Дувњак беше гостин во рубриката на ЕХФ „Тоа сум јас“ (This is me) и во таа прилика откри некои детали за неговиот животен и ракометен пат.
Капитенот на ракометната репрезентација на Хрватска откри детали од почетокот на неговата кариера, важноста на семејството во неговиот професионален пат, но и за најголемата неостварена желба.
„Мојот татко беше ракометен тренер во Ѓаково, мојот роден град. На седум години започнав да одам со него во салата и додека го гледав заедно повозрасните играчи на теренот почна да расте мојата љубов кон ракометот. Пред тренерската кариера, татко ми беше играч во Медвешчак, ракомет играа и мајка ми и постарата сестра. Дури и мојот вујко беше играч и мој тренер“.
Се потсети Дувњак и на улогата на неговиот дедо во кариерата.
„Беше еден од моите најголеми обожаватели. Кога започнав да играм ми вети дека ќе ми дава 50 куни за секоја украдена топка. За мене тоа беше мал, но доволен мотив во секој натпревар. Иако на мене потроши многу пари, верувам дека никогаш не се пожалил. Можеби и уште од тогаш ми е вештината во крадењето топки. Ти благодарам, дедо“.
Во кариерата освои многу трофеи, но најголем сон му е да освои злато со Хрватска.
„Секогаш сонував да бидам дел од репрезентацијата. Среќен сум што можам да кажам дека со Хрватска имам осум медали и секој има своја приказна. Најголемиот сон ми е да освојам златен медал со Хрватска и навистина се надевам дека тоа ќе се случи“, изјави Дувњак.