Селекцијата на Хрватска ги започна подготовките за ЕХФ неделата во која што ќе се соочи на пријателски натпревар со Словенија.
Капитенот Домагој Дувњак направи анализа на ривалите на претстојното Европско првенство во Унгарија и Словачка, а посебно се задржа на Србија.
„Имаме незгодна група, а посебно бидејќи првиот меч го играме со Франција. За нас тој дуел ќе биде како финале, ако го добиеме ќе биде полесно. Како и секогаш, сите се надеваме дека ќе одиме до крај, барем до полуфинале. Ама како ние, така и сите други. Во групата се уште Србија и Украина. Иако Србите не се наше ниво, двобојот со нив е секогаш незгоден во сите спортови. Посебно ќе биде болно ако загубиме од нив во ракомет, во спорт во кој секогаш силата и традицијата биле на хрватска страна. Не сакам да знам, ниту да помислам што ќе значи неуспех на втор голем настан по ред, посебно што не играме ниту на Олимписките игри“, кажа Дувњак за хрватскиот „Индекс“.
Хрватска ќе тестира со Словенија во рамките на ЕХФ неделата, додека Србија патува на двомеч со еден од домаќините на ЕП, Словачка.