Драчево пресилен за жилавата Преспа

Ракометарите на Драчево предводени од Ѓорѓи Дука и Филип Дабевски во натпревар од 8. коло од Првата лига беа убедливи против екипата на Преспа од Ресен, со резултат 45:22, во натпревар од групата Б.

За Драчево победата против Преспа беше петта во новата натпреварувачка сезона и заедно со Мулти Есенс од групата А се единствените две непоразени екипи во досегашниот тек од сезоната во прволигашкото друштво.

Од стартот домаќините наметнаа брзо темпо и натпреварот го решија уште во 15 минута кога дојдоа до резултатска предност од ,,плус десет” и водство 13:3. Гостите од Ресен поради кратката клупа, настапија со една постава, односно 10 ракометари, немаа многу опции да им парираат на разиграните домаќини.

Во 20 минута резултатот беше 17:5 за Драчево. До крајот на првото полувреме домаќините постигнаа уште шест гола и на пауза заминаа со предност од плус 13, 23:10. Веќе тука беше јасно дека вториот дел ќе биде повеќе формалност и полесен тренинг за ракометарите на Драчево.

Домашниот тим одработи рутински во второто полувреме и лесно казнуваше од контранапади, па така резултатската предност постојано растеше. Преспа одвреме-навреме доаѓаше до погодок и во вториот дел постигна два гола повеќе од првото полувреме.

Најефикасни во победничката екипа беа Ѓорѓи Дука со десет и Филип Дабевски со девет погодоци. Во поразениот табор се истакнаа Бојан Џуклевски и Били Мишевски со по пет погодоци.