Ракометарите на Драчево продолжуваат со одличните резултати во плеј-офот во Првата машка лига, а во 3. коло стигнаа до триумф од 35:27 против тимот на Јехона. На гостувањето во Гостивар тимот од Скопје имаше водство во поголемиот дел од средбата така што немаше поголем проблем за да се дојде до посакуваното.
После неколку минути надигрување гостите почнаа полека да ја преземаат иницијативата и да создаваат предност. Имаа повеќе од играта и казнуваа така што без поголеми проблеми успеваа и да стигнат до водство кое им даваше сигурност.
Најголемата педност во првото полувреме беше три гола, а со оваа разлика се замина и на одмор. На паузата беше 16:13 во корист на составот на Драчево така што ова гарантираше мирно продолжение на средбата.
Домашните се обидоа да се вратат, но не им одеше воопшто лесно. Место тоа противникот успеа да ја зголеми предноста. До средината се држепе постојано на позитива од 3-4 гола, а потоа следуваше серија која го доведе Драчево до 30:21, а ова се случи на десет минути до крајот.
Тука дојде до мало опуштање, но разликата беше преголема за да може тимот на Јехона да се врати во игра. Оттаму бодовите заминаа за Скопје и Драчево сега останува во трка за висок пласман во плеј-оф групата.
ЈЕХОНА – ДРАЧЕВО 27:35 (13:16)
Сала: „Риниа“ во Гостивар. Судии: Методија и Михајло Илиевски од Битола. Делегат: Сашо Јанкулоски од Битола.
ЈЕХОНА: Ефтоски, Тахири, Стојаноски, Бошковски 1, Николовски 1, Тасески 8, Јованоски, Салиу 8, Живкоски, Груевски, Џафери 2, Костовски 2, Столески, Илиески 3, Лазарески, Василевски 2.
Седмерци: 3/4, Исклучувања: 8 мин.
ДРАЧЕВО: Станиќ, Ангеловски, Вујиќ, Пејковски, Соколовски, Атанасовски, Петковски 3, Петровски, М. Тевдовски 1, Матовски 2, Димовски 6, Андовски 5, П. Тевдовски, Дабевски 6, Јаховиќ 2, Ангелов 10
Седмерци: 4/5, Исклучувања: 6 мин.