Драчево го доби прволигашкото дерби против Металург РА

Ракометарите на Драчево со победата над Металург РА од 32:30, моментално, се позиционираа на првата позиција на табелата во групата Б од Првата лига. Драчево во досегашниот тек од сезоната забележа четири победи и едно реми и ѐ на сигурен пат да обезбеди пласман во плеј-оф фазата.

Градскиот дуел, кој беше одигран во спортската сала при ОУ „Круме Кепески“ во Кисела Вода донесе многу пресврти и неизвесност до последната минута. Откако резултатот беше 30:30 во 58 минута, домаќините во последните две минути не дозволија гостите да постигнат погодок и тоа беше клучен фактор за победата во дерби дуелот. Со голот на Петковски на минута пред крајот и третиот гол на Дабевски во последните секунди, составот на Драчево се израдува на победа од 32:30.

Избраниците на Велимир Настески имаа добар старт, поведоа со 4:1 во воведниот дел, но не успеаја да ја сочуваат предноста и им дозволија на гостите да фатат приклучок и да се борат за освојување на бодовите. Металург РА бргу се врати во игра и со серија од 4:0 направи пресврт и по десет минути игра имаше водство од 5:4. До крајот на првиот дел двете екипи наизменично се менуваа во водство, сепак, гостите од Автокоманда беа подобри во финишот од првото полувреме и на пауза заминаа со минимално водство од 12:11.

Во најголемиот дел од второто полувреме Драчево имаше контрола на резултатот, но водството на домаќините не беше поголемо од еден – два гола разлика. Драчево ја диктираше играта, додека Металург РА беше екипата која бркаше негатива од два гола разлика. Иако домаќините има водство од 30:28, гостинскиот состав со два гола во низа израмни на 30:30 и донесе голема неизвесност во прволигашкото дерби. Сепак, Драчево не дозволи сето она што го градеше во вторите 30 минута да го изгуби за минута и со погодоците на Петковски и Дабевски се израдува на четвртиот триумф во новата натпреварувачка сезона.

Листата на стрелци во победничката екипа беше предводена од Димитар Петковски со осум погодоци, пред Ѓорѓи Дука и Александар Димовски, кои имаа по седум реализации. Кај Металург Ра најефикасни беа Дамјан Наумовски и Бранко Јосифовски со по девет, односно осум голови.