Екипата на Овче Поле Славјански Универзитет по поразот во првото коло од Металург, денес успеа да ја запише првата победа во Женската лига, откако на свој терен во неизвесен финиш триумфираше над Стружанка со 23:22. Победничкиот гол за домашната екипа го постигна Анастасија Сентовска на триесетина секунди пред крајот, додека Стружанка во последниот напад не успеа да дојде до реализација.
Во првото полувреме резултатот беше постојано тесен, но во континуитет за тимот на Илија Бетувски, кој никако не можеше да го скрши отпорот на гостинките од Струга. Стружанка во неколку наврати успеваше да го израмни резултатот, но не и да направи комплетен пресврт. Овче Поле Славјански Универзитет при крајот на првиот дел се одлепи и на три гола разлика, 12:9, додека Стружанка со голот на Делиоска намали на 12:10. Со овој резултат се замина на полувреме.
При резултат од 12:11 во второто полувреме, домашниот тим со погодоците на Сентовска и Манева по вторпат дојде до плус три, 14:11. Следуваше период, во кој двете екипи постигнаа неколку брзи гола, а Овче Поле Славјански Универзитет во 45 минута од натпреварот дојде и до највисокото водство од четири гола разлика, 18:14. Стружанка искористи дел од грешките на домаќинките и намали на 18:17.
Овче Поле Славјански Универзитет за првпат на натпреварот поведе со четири гола разлика, 21:17, но во последните десет минути наместо да ја завери победата дозволи противникот да се врати во игра. Избраничките на Маја Поповска со одлична серија од 4:0 на пет минути пред крајот го израмнија резултатот на 21:21.
Стружанка остана во игра за освојување на бодовите и со голот на Делиска направи целосен пресврт, поведе со 22:21. На минута пред крајот Галевска погоди за 22:22, додека во следниот напад Стружанка не успеа да реализира. На триесетина секунди пред крајот, ракометарката на Овче Поле Славјански Универзитет, Анастасија Сентовска беше ефикасна за 23:22, а Стружанка во последниот напад немаше многу време за да се избори за бод.
Најефикасни во победничката екипа беа Анастасија Сентовска со седум гола, како и Елена Вучевска и Јована Конева кои постигнаа по пет погодоци. Кај Стружанка се истакнаа Магдалена Делиоска со седум и Мендувие Далипоска со шест гола.